- skopje2028
За урбаното пчеларство
Updated: Jun 8, 2021
Коле Неданоски е пчелар веќе десеттина години. Средбата со пчелите ја има од рана возраст, уште од седмо одделение кога бил искасан од комшиските пчели по што развил алергиска реакција. Пред десетина години кога повторно го каснала пчела сфатил дека повеќе не е алергичен и тоа го охрабрило да почне да се занимава со пчеларството како хоби. Тој ги чува пчелите во сандаци во својот двор и произведува мед и други производи за лична употреба, а доколку некоја година количината е поголема ги дели со пријателите. Смета дека пчеларството не е лесно хоби и бара постојано да се чита за тоа, а на почетоците праксата бара и менторство од поискусен пчелар. Тој постојано посетува семинари и предавања водени од стручни лица од цел Балкан.
фото Соња Ставрова
Начинот на одгледување пчели во урбани средини
Коле вели дека пчеларството станува сè позастапено хоби во урбаните средини, и луѓето се повеќе ги одгледуваат во дворовите, крововите на згради и хотели. Бидејќи пчелата е див инсект и може да нападне, треба да ѝ се пристапи многу внимателно и одговорно. На Балканот секогаш се одгледувале пчели. На почетокот тоа било на примитивен начин каде во процесот на вадење мед се уништувало цело пчелно семејство, за да подоцна се организира чување на пчелите во сандаци, со што се обезбедувал нивен опстанок.
Пчелата е загрозена од страна на човекот поради хемијата односно инсектицидите што ги користат луѓето за прскање на растенијата, особено кај нас бидејќи се користат инсектициди кои во Европа се забранети. Но, во исто време пчелата е и зависна од човекот. Пред две до три декади се појавува крлеж кој поради силниот третман со инсектициди за да преживее преминува на пчелата. Тој ја оштетува нејзината хитинска обвивска и ја прави пчелата да не биде отпорна на вируси и бактерии, што ја намалува нејзината виталност и води до истребување, па и до цела заедница на пчели.
Како живеат пчелите?
Пчелите имаат висока социјална организација и секоја пчела си ја знае својата работа. Откога ќе се изведат првата работа им е да чуваат млади, да носат вода и да извршуваат други работи за време на нивниот краток живот. На пример, летната пчела живее 40 дена, и ако се добри условите таа може за време на својот живот да произведе една лажица мед. За нас е една лажица мед а за неа е цел живот. Зимската пчела која што се веди во август и септември, живее 6 месеци. Матицата може да живее 5-6 години со тоа што првата година е најпродуктивна. Доколку матицата не ја извршува својата функција, може да биде земената. Една матица во добри условите може да снесе 3000 јајца дневно, што е повеќе од нејзината вкупна тежина.
Производи на пчелите
Пчелите освен мед даваат други продукти, и тоа: прополис, полен, восок, перга, млеч.
Пергата е мултивитамин, не ни можеме да претпоставиме колку е хранлива и корисна за нашето тело. Исто така и прополисот, на кој што ниту една бактерија не е отпорна.
Медот се користи превентивно за одржување и кревање на имунитетот. Секој мед има различни својства и се користи за различни намени, на пример медот од костен се користи за белите дробови. За различни болести има различни типови на мед. Медот се мачка и на рани, за да не остане лузна. Постои и сега многу актуелна апитерапија која е слична на акупунктура, што лечи од туберкулоза и други заболувања на дишните патишта. Потеклото на медот се испитува во лабораторија, и тоа според поленот на кое дрво припаѓа. Доколку се покаже дека во медот има липа, тој потекнува од Европа, ако има еукалиптус тој е од Австралија. Најголем производител на мед е Кина, а го произведува медот на вештачки начин. Често цената на медот во маркетите може да биде пониска бидејќи медот не е природен, и е добиен на вештачки начин. Мед се купува од пчелар на којшто му верувате. Најлесно може да се провери ако се стави една капка мед на хартија. Доколку медот е природен нема да пројде низ хартијата, а тоа значи дека не содржи вода. Друг начин да дознаеме дали медот е вистински е моментот на кристализација. Ако медот кристализира тоа значи дека е направен по природен пат, а не дека е расипан. Медот не се расипува, и нема рок на траење. Но за тоа мора да е добро затворен. Исто така медот не смее да се изложува на температура повисока од 50 степени, затоа што ги губи својствата.
Со микро дозирање со зрна од полен кои се земени од околина во која што пациентот живее, се лечат и алергии.
Во последно време доста е популарен пчелиниот отров, кој многу тешко се собира и затоа има висока цена. На влезот од кошницата на пчелата се става стакло и специјални уреди со ниско напонска струја коишто ја пецкаат пчелата и таа како одбранбен механизам испушта микро капка отров, кој се зема со гребење со жилет на стаклото. Пчелиниот отров се користи во медицината и во козметиката. Цената на еден килограм пчелин отров е поскапо од еден килограм злато.
Климатските промени и човечкиот фактор во уништување на пчелите
Климатските промени имаат силно негативно влијание врз пчелата. Пчеларите од цел Балкан се многу засегнати со овој проблем. Ако некогаш имале сто сандаци сега останале со два-три. Доколку зимските месеци се топли а природата се’ уште неразвиена, пчелите се будат порано а немаат од кај да се хранат. Исто така доколку по будење на природата во пролет следи период на ниски температури со мраз, тие ги уништуваат пчелите, оставајќи празни сандаци. Масовно во светот ја снемува пчелата и тоа е резултат на човечката негрижа за природата воопшто. Треба да се сменат инсектицидите со препрати од биолошко а не хемиско потекло, за да се избегнат големи штети на природата, вклучувајќи ја и пчелата. Загадувањето со пластика на земјата и водата е исто така огромен проблем. Во трката за храна се заборава од каде потекнуваме и одиме во спротивност на природата. Секојдневно се уништуваат многу инсекти а со тоа и нормалниот ланец на поврзаност на сите сегменти од природата се дебалансира.
Коле е оптимист за опстанокот на пчелата но смета дека сериозно треба да работиме на подигање на свеста кај луѓето. Тој препорачува секое семејство да чува по еден сандак пчели.
Во име на тимот на Скопје 2028, разговорот го водеа Мања Величковска и Соња Ставрова. Фото-документацијата ја изработи Соња Ставрова.