top of page
  • skopje2028

СКОПСКИ ЛЕГАЛНИ ЅИДОВИ

Updated: Sep 6, 2021

Скопје доби два легални ѕида/Legal Walls за слободно користење од уличните уметници




Тимот на Скопје 2028 – кандидат за Европска престолнина на културата на почетокот на 2021 година на предлог на улични уметници од градот покрена инцијативата за именување на првиот „Легален ѕид – Legal Wall” во Скопје.


Тргнувајќи од тоа дека уличната уметност, пред сѐ, пишувањето/цртањето графити во поголем дел од светот вклучувајќи и кај нас е нелегална, многу градови именуваат и креираат легални ѕидови со што им овозможуваат слободен и безбеден простор за креација и уметничко изразување на уличните уметници.


Што е легален ѕид?

Легален ѕид/Legal Wall е дефиниран ѕиден простор од поголем размер на одредена локација, кој е одобрен од страна на сопственикот или локална власт/јавната институција за слободно користење за уметничка креација (графити, мурали, тагови итн.). Како слободен простор за креација легалниот ѕид овозможува на секој заинтересиран уличен уметник да може да создава уметност без временско одредено или законско ограничување во контекст на поширока заедница на корисници на заедничкиот простор, во рамки на која освен што ќе се развива урбаната култура и ќе се разубавува дел од градот, ќе се овозможи и комуникација и размена на знаење помеѓу различни генерации уметници со различни професионални искуства. Ова е особено важно за младите улични уметници кои ќе имаат простор да ја развиваат својата креативност и способности за цртање.


Постои и светска мапа на легални ѕидови, која овозможува како на домашни така и на странски уметници да имаат увид и можност за нивно користење. Градот Скопје ќе биде ставен на мапата на градови со легални ѕидови, што ќе бидат доволна провокација за самоорганизирани иницијативи и посети од странски уметници или нивни соработки со домашни уметници.


Градот Скопје ја прифати иницијативата и предлогот на тимот на СКОПЈЕ 2028 за именување на првиот „Легален ѕид – Legal Wall” во Скопје. Со тоа градот во рамки на кандидатурата за Европска престолнина на културата на уште една начин покажува дека ја подржува урбаната култура и уличната уметност и овозможува разновиден културен израз на различни локации во градот.


Иницијативата се реализираше во неколку фази. Со цел професионално да пријдеме кон темата, тимот на СКОПЈЕ 2028 спроведе „Прашалник за скопската улична-уметност и потребата од легални ѕидови - Legal Walls" дистрибуиран до домашни улични уметниците. Прашалникот ни овозможи да добиеме информации за потребата од легален ѕид во Скопје, предлог локации, но запознавање со состојбите на сцената, начинот на нејзино функционирање, предизвиците со кои се соочуваат овие уметници и што недостасува, односно кои се потенцијалите за нејзин развој, генерално и во контекст на СКОПЈЕ2028.

Дополнително тимот на Скопје 2028 направи и анализа на „Законот за јавна чистота” со предлог промена во член 17.


Сите предлози на локации на легален ѕид кои произлегоа од одговорите на прашалникот беа разгледани од страна на Градот Скопје и тимот на СКОПЈЕ 2028 со анализа на можноста за нивно користење во контекст на нивната правно-сопственичка структура, намена, безбедност и архитектура, од каде произлегоа 4 предлог локации за легален ѕид. Истите повторно беа споделени со уличните уметници, од кои се избраа две локации кои ќе бидат назначени како првите два легални ѕида во Скопје.


Легален ѕид #1

Потпорниот ѕид на улица Војвода Васил Чакаларов (Адолф Циборовски) (помеѓу 41°59'58.7"N 21°22'51.5"E и 42°00'00.2"N 21°22'45.9"E)


Легален ѕид #2

Ѕидовите од двете страни на булевар Гоце Делчев (под поранешна Стоковна куќа МОСТ) - (помеѓу 41°59'57.3"N 21°26'06.2"E и 41°59'57.1"N 21°26'08.5"E)


Мапа:

https://www.google.com/maps/d/u/0/edit?mid=1wl0baZguMuBNGlRo3sM37jt7m0DBeWlp&usp=sharing



Легалните ѕидови ќе бидат означени со тријазична табла (на македонски, албански и англиски) со која се потврдува слободата и безбедноста за нивно користење за креативен израз од страна на уличните уметници но и правото на градот да ги отстрани сите содржини кои се сметаат за навредливи, непристојни, дискриминирачки и оние кои ги кршат човековите права.


Легалните ѕидови ќе бидат назначени и слободни за користење на 26 јули 2021 година, на денот на Солидарноста, како сеќавање на катастрофалниот земјотрес во Скопје. По тој повод тимот на СКОПЈЕ 2028 година организира и акција на цртање на графити на Легалниот ѕид #1 на тема „Солидарност” со покана за учество на седум домашни улични уметници: Ертунч Сали, Давор Кешкец, Марко Вујисиќ, Драган Китановски – Драж, Дејан Давчевски, Блаже Атанасков и Ермал Криезиу. Акцијата на цртање графити ќе се реализира викендот на 24 и 25 јули, и е организирана во партнерство со Младинскиот културен центар.









164 views
bottom of page