- skopje2028
ОСВОЈУВАМЕ НОВИ ЛЕГАЛНИ ЅИДОВИ
фото Соња Ставрова
Во партнерска соработка помеѓу тимот на СКОПЈЕ 2028 – кандидат за европска престолнина на културата, општина Општина Кисела Вода и Графити Шоп Хром, викендов на 4 и 5 септември се реализираше акција на цртање на графити насловена „Кисела Вода графити џем/Kislea Voda Graffiti Jam”.
Повод за акцијата е назначувањето на нов „Легален ѕид – Legal Wall” во должина од 70 метри, во општина Кисела Вода, во населбата Пинтија, на булеварот Борис Трајковски. Со назначувањето на овој легален ѕид Општина Кисела Вода го подржува развојот на урбаната култура, овозможува нов простор за креација и стимулира творештво со разновиден културен израз.
Иницијативата за назначување на легални ѕидови во градот ја разви тимот на СКОПЈЕ 2028 во соработка со претставници на скопската графити сцена. Првите два легални ѕида се назначија од град Скопје во јули годинава. Препознавајќи ја важноста на создавање нови урбани простори за уличните уметници, општина Кисела Вода иницираше именување на уште еден легален ѕид, чие назначување се реализира во соработка со Град Скопје и тимот на СКОПЈЕ 2028.
Во акцијата „Кисела Вода графити џем/Kislea Voda gaffiti jam” земаа учество 20 македонски цртачи на возраст од 16 до 32 години, на кои им се придружија и неколку улични уметници од Германија и Белгија, кои се пријавија на повикот за цртање организиран од Графити Шоп Хром. Во акцијата учествуваа уметниците: Жута Куќа, Tac, Rask, Smooth, Esiem, Dig, Woo, Katma, Snake, Zork, Aris, Kiks, Bone, Janx, Maro, Cen2, Teazer, HoboGang и други.