top of page
  • skopje2028

БОСТАНИЕ - прва општествена градина во град Скопје

Интервју со Димитар Самарџиев, член на граѓанската организација „Зелената арка” и координатор на проектот „Развивање на прва урбана градина во град Скопје“ .

Интервјуто го осмисли и го реализираше Соња Ставрова во име на тимот на Скопје 2028.

Фотографии: Кирил Шентевски и Соња Ставрова




Од каде потекнува идејата за првата урбана градина во Скопје?

Концептот за општествено градинарство е распространет низ Европа и ширум светот пред педесетина години, а кај нас тоа се случи во 2019 година кога идејата беше конечно препознаена од Град Скопје. Како членови на граѓанската организација „Зелената арка” во неколку наврати, од 2008 наваму, се обидувавме да развиеме слични градини на општествената градина „Бостание”, но од различни причини ниедна од нив не опстои подолго од две до три години. Сепак, на отворениот конкурс распишан од Град Скопје во 2019 за реализација на програмска активност „Развивање на прва урбана градина во град Скопје“ со примена на пермакултурно градинарство, поднесовме предлог-проект и истиот беше прифатен. Можеби нам терминот „урбана градина” ни звучи како општ поим, затоа решивме да ја именуваме како општествена градина, ставајќи акцент на човечкиот односно општествениот аспект од градинарството. Место каде што луѓето заедно можат да градинарат и да разменуваат знаења и искуства за градинарството на хоризонтален начин, а не хиерархиски.


На кој принцип функционира „Бостание” и која е главната цел?

Општествената градина Бостание е создадена со здружени сили, тоа значи дека луѓето што ги користат парцелите активно учествуваат во постојаното преобликување на градината, во која си одгледуваат јадливи растенија, пред сè градинарски култури за лична употреба. Принципите за градинарење и условите за учество се прецизирани во градинарскиот ред каде што, меѓу другото е јасно нагласено и дека сите тие плодови се наменети за лична употреба, а не за продажба. Целта е да им се овозможи на луѓето, кои сакаат да градинарат, а ги немаат тие услови во градските средини, да го направат тоа тука. Во моментот од 40 до 50 луѓе ги користат парцелите во градината и така добиваат можност за непосреден пристап до растителни прехранбени производи, што самите си ги одгледуваат. Овде можат да се научат многу нови нешта поврзани со градинарството и слични животни вештини, така што нема потреба од некакви предзнаења како предуслов за учество. Постојано организираме обуки и работилници, па така може и почетниците да почнат градинарат и при градинарењето да стекнат знаење и искуство. Освен тоа, градинарството опфаќа и бројни други сфери од општествениот живот, па така обработуваме разни сродни теми и изведуваме настани од други области.


Какви култури се одгледуваат на леите и кој сè може да ги одгледува и користи?

Корисници на плодовите што се одгледуваат тука се самите луѓе што ги одгледуваат - градинарите. Се одгледуваат градинарски култури што се вообичаени за ова поднебје почнувајќи од домати, пиперки, модар патлиџан, зелка, брокула, карфиол, рукола, прокељ, кељ, зачински билки, рузмарин, лаванда, чубрика, синап, цветни култури како невен, џунџуле, гладиоли, нарциси, сончоглед, па цвекло, кромид лук, репки, морков, пашканат и сл. Најегзотичното растение што е засадено во една од леите е куркумата, но ги претпочитамe локалните сорти веќе приспособени на тукашните услови. Ја подржуваме разновидноста и постојано ги охрабруваме градинарите да испробуваат што е можно повеќе различни култури на помал простор. Така, се создава можност за поткрепа на различните растенија меѓу себе. Kога има само една култура, таа е поподложна на штетници, а со разновидни култури, тие полесно се крепат меѓу себе и си разменуваат потребни хранливи соединенија преку кореновите системи или се штитат меѓусебно испуштајќи соединенија преку надземниот дел во воздухот. Она што му е потребно на едното растение, другото можеби ги излачува, па така си потпомагаат. Некои култури служат за да одвратат некои штетници со мирисите, а други пак со хемиските соединенија што ги испуштаат. Некои растенија служат како стапици за штетниците, други привлекуваат опрашувачи. Тие растенија што служат како стапици ги жртвуваме за сметка на нешто што сакаме да опстане, а опрашувачите им олеснуваат на сите растенија да врзат повеќе плод. Ова се дел од градинарските тактики својствени за пермакултурниот дизајн, што може да се научат во општествената градина „Бостание”.


Како се наводнуваат растенијата?

Наводнувањето е автоматизирано, имаме поставено систем капка по капка во сите леи. Градежниот институт Македонија ни донираше бунар со пумпа и сега сме во тој поглед независни. Може да наводнуваме во кој било момент и тоа е автоматизирано со систем програмиран според секторите од градината и определеното време за наводнување, што вообичаено се одвива во текот на вечерта. Една од причините за таквиот пристап, покрај заштедата на водата, е дека при високите температури во летниот период е стресно за растенијата да се наводнуваат преку ден. Така, меѓу другото се намалува и опасноста од разни габични заболувања на растенијата.


Зошто е важно постоењето и одржувањето на една ваква градина?

Важно е да постои и да се развива општествената градина, затоа што луѓето тука имаат можност да согледаат колку внимание, време и посветеност е потребно да се вложи за да се одгледа едно растение, кое ќе роди јадлив плод. Нешто што сега претставува реткост бидејќи на луѓето во градските средини може да им се случи и никогаш во нивниот живот да немаат можност да имаат директен допир со растенија или да одгледуваат јадливи растенија. Најчесто луѓето се навикнати да си ги купуваат плодовите како потрошувачи во супермаркетите, без да обрнат внимание или да посветат повеќе време на тоа од каде и како доаѓаат тие плодови на продажните рафтови. За разлика од потрошувачката монотонија и униформност, тука доаѓаат луѓе од најразлични возрасти, па така покрај градинарите над 60-70 години или средовечните, често со нив учествуваат и нивните деца или внуци, а организираме и посети од градинки и училишта, што е битен образовен аспект на заедничкото градинарство. На тој начин луѓето добиваат претстава што значи да се одгледа јадлива култура и почнуваат да ги вреднуваат трудот, знаењето и посветеноста повеќе. Така се отвора своевидна врска и со другата култура што е повеќе својствена за земјоделските семејства, а е нешто не е толку својствено за градскиот живот. Општествената градина во тој поглед има добра местоположба, зашто се наоѓа на преодот од урбана средина кон периурбана средина. Од едната страна е спонтаната населба Лисиче, а од другата урбанизираната населба Ново Лисиче, тука во рамките на паркот, на работ каде што е сместено „Бостание” е таа т.н. треперлива полупропустлива мембрана преку која двете култури се среќаваат и претопуваат, при што меѓу растенијата се случува размена и на органските материи на биолошко ниво и на вредностите на културно и општествено ниво.


Кое е социјалното влијание што на корисниците на леите има „Бостание”?

Влијанието се шири првично во семејната средина на градинарите, меѓу најблиските и пријателите се пренесува искуството од градината. Минувачите, кои го посетуваат паркот се исто така љубопитни и се информираат, а имаме и основна медиумска покриеност, која помага да се рашири концептот. Во општествената градина Бостание” се негува обновлива култура на заедништво, заемна поткрепа, дружељубивост и солидарност. Се надевам дека луѓето ќе се охрабрат и дека на повеќе локации ќе се случуваат вакви иницијативи за општествени градини, не само во Скопје туку и во другите градови. Збирно повеќе мали потфати од ваков тип можат да предизвикаат позитивно поместување кога ќе се земе предвид вкупниот ефект.


Дали сметате дека со „Бостание” креирате заедница, доколку да од каков тип?

Посакуваме да создадеме заедница и тоа ни е целта, но знаеме дека тоа бара доста посветеност и внимание. Треба сите да имаат волја за такво нешто. Можеме да зборуваме за некој зародиш на заедница, во зависност од тоа што подразбираме и како ја дефинираме заедницата. Имаме многу допирни точки што нè поврзуваат и се развиваат во заеднички интереси. Градинарството се шири во доменот на заштитата на животната средина, во однос на зелените површини во градот. Сите овие прашања некако се преплетуваат во агроекосистемот на „Бостание” и ова може да биде фокална точка каде што заедничките стремежи за обновување на нарушените еколошки и општествени односи би можеле да излезат на виделина. Меѓу градинарите и посетителите на „Бостание” може да се разгледуваат, да се отвораат дополнителни дискусии и да предизвикаат развој на други слични иницијативи. Заедницата од градинари, кои преземаат одговорни дејствија за обнова на животната средина во градот е нешто што се стремиме да го развиеме. Ако успееме да направиме доволно кохерентна заедница, во таа ситуација би можеле да имаме доволно сила за активна заштита на градското зеленило и да пружиме значаен конструктивен отпор во случаите кога е истото е загрозено.


Дали на граѓаните на Скопје им се потребни други пренаменување на јавните површини?

Да секако, јавните површини кај нас од една страна се запоставени, а ако не се запоставени се окупирани. Претежно окупацијата цели да го утврди потрошувачкиот менталитет, јавните простори се најчесто узурпирани од трговски и деловни центри, паркинзи, особено зеленилото е загрозено, а просторот за движење е резервиран за моторните возила, истиснувајќи ги пешаците и велосипедистите. Тие се потребите во градската средина, непречено движење од, до и низ зазеленети зони ослободени од сообраќајниот метеж. Идеално, потребни се безбедни пошумени коридори што поврзуваат прибежишта за луѓето и останатиот жив свет, мрежа од плодоносни шуми и градини што би го проткајувала градското ткиво и ефикасно би поврзувала разни делови од градот меѓусебно; со предградијата; со приградските населби и секако со крајоликот вон градот. Изразена е потребата од разновидни содржини, простори каде што луѓето ќе можат да се почувствуваат малку поопуштено, каде што се олеснуваат полезните меѓучовечки односи, наместо ограничувањата и пречките за движењето низ или задржувањето на определен простор подолго. Наместо градската средина да се уредува со цел да ги потиснува граѓаните, дизајнот на јавните простори да нуди оддишка и да буди љубопитност со свежа разноликост.


Која е вашата визија за „Бостание”?

Визијата на општествената градина „Бостание” е да биде убав пример што ќе поттикнува други луѓе да преземаат слични иницијативи во нивните средини. Да биде извор не само на идеи и знаење, туку и функционална заедница на градинари. Се стремиме да направиме семенска банка, резерва на семенски материјал што ќе го користат градинарите во „Бостание”. Доколку успееме да собереме доволно семенски материјал, истиот ќе можат и други луѓе да го користат. Овде правиме и компост, чие производство ќе го зголемиме во овој период. „Бостание” да биде траен позитивен пример што поттикнува промени во насока на зачувување на животната средина преку агроеколошки и пермакултурен пристап. Зачувување, одржување и размножување на старите семиња ин ситу. За сега ова е пионерски пример, што се надеваме дека ќе се шири и ќе стане дел од нашата култура, нешто вообичаено и често.


Какво влијание имаат урбаните градини на климатските промени во градовите?

Урбаните градини ако се во доволен број, односно на доволно голема површина, може да имаат значително полезно влијание на микроклиматските услови во еден град. Во градот постојат топлински острови, изразено е воздушното загадување, бучавата и ред други еколошко-климатски предизвици; но плански распоредени и поврзани градини со пешачки и велосипедистички патеки би можеле да ги ублажат последиците и да овозможат развој на вештини за полесно справување со претстојните предизвици. Значајното поместување преку урбаните градини - особено ако се општествени и на јавни површини - е во однесувањето и начинот на живот на луѓето доколку се развие култура во која градинарството е битно, за во контекстот на агроекосистемите да се третираат повеќе аспекти од заштитата на животната средина. Ако се градинари во градската средина, се создава потенцијал за развој на пошироко движење што ќе се грижи општо за квалитетот на животот во градот.


335 views
bottom of page