- skopje2028
АМОК радио
Скопје 2028 се дружеше со дел од екипата на АМОК радио – урбан и модерен простор и онлајн музичка платформа. Околу идејата, програмата, соработката и урбано Скопје разговаравме со Бојан Јанев (Soul Case, Oubli) и Никола Димитриевиќ (Double G, Skopski Groove/Wax Revival Store)
фотографии: Соња Ставрова
Што претставува АМОК радио (за тебе), каде и од кога функционира? БЈ АМОК радио функционира од 13-ти јануари оваа година, кога го имавме првиот стрим. Идејата за радиото ја имавме некое време пред отворањето. Побаравме простор, а пред пандемијата мислевме првично да правиме бар плус радио. Но, бевме приморани да се преструктуираме заради финансиски причини, затоа што останавме без хонорари од настапи заради пандемијата. Во овие услови се решивме за помал инвестициски залак. За мене и за сите основачи, АМОК радио значи секојдневие, живот, целата љубов и енергија што ја имаме ја вложуваме во самото радио.
Како функционира АМОК радио во интернет простор? БЈ Не е класично радио бидејќи немаме програма 24 саати во денот 7 дена во неделата. Меѓутоа функционираме како диџеј радио, односно програмата ни се состои од диџеј сетови на локални диџеи и интернационални артисти. Стримуваме 4 до 5 часа дневно од среда до сабота, некогаш и во недела. Континуирано работиме на продлабочување и збогатување на програмата. Почнавме со 3 часа дневно и со тек на времето ја проширивме. Се работи за дигитална платформа, бидејќи функционираме само на интернет, но имаме и физички простор. Емитуваме онлајн. Кога настапуваат диџеи во просторот на АМОК радио на нашиот веб сајт amokradio.com одиме со аудио стрим во живо, а во исто време имаме и видео стрим на YouTube. Артистите од други градови, кои не можат да дојдат да настапат во живо во просториите на радиото, ни праќаат аудио сетови кои ги емитуваме на нашиот веб сајт.
Кои се луѓето на АМОК радио и целата иницијатива? БЈ Вкупно сме петмина, Никола/Double G, Настасија, Андреја/DJ Ux, Јован Џаги и јас. Фактички се случи една фузија помеѓу колективите Oubli (Бојан/Soul Case, Андреја/DJ Ux и Алек, кој се пресели во Берлин) и Skopski Groove ( Никола/Double G, Настасија, и Јован Џаги). Порано, организиравме некои заеднички настани и некако уште од самиот старт се вклопивме со идејата и замислата. Блиски сме генерациски и се поддржувавме, и секогаш кога сме соработувале одело многу органски, лесно и едноставно.
Зборуваме за заедници, а вие потекнувате од два музички, а воедно и уметнички колективи кои активно делуваат веќе неколку години наназад. Што за вас претставува заедницата? БЈ Со радиото во суштина сакавме да основаме и да направиме community space каде што луѓе буквално од сите возрасти, од сите области, не мора да се само диџеи или продуценти, туку било кој којшто е заинтересиран за музика, да може да дојде, да слушне па и да пушти некој сет тука. Неколку години претходно активно пуштавме музика и отприлика знаевме како функционира кај нас сцената, во која е потребно повеќе заедничка соработка. Мислам дека успеавме во тоа, бидејќи под еден кров ги собравме речиси сите; од различни екипи, клубови од сите сфери и области, и успеавме да делуваме како community space.
Како успеавте во време на пандемија кога музичарите беа буквално исклучени, да ги интегрирате околу себе, не само вашите пријатели и вашите блиски соработници од вашата генерација, туку и музичари, диџеи и продуценти од сите генерации? БЈ Едноставно им се обративме на голем број музичари. Целта беше сите да се обединиме во овие особено тешки моменти за диџеите и музичари хонорарци, кои бевме оставени на цедило. Немавме ниту медиум, ниту место каде можеме да се изразуваме креативно. Така природно си дојде самата идеја да дадеме простор, односно одреден термин, на секој кој има идеја да пушта музика и води емисијата. Многу ни беше битно сите да се обединиме, бидејќи само така може целава сцена да напредува и да биде запишана повторно на светската мапа. Во последните години има настапи и случувања ама според нас може и многу подобро.
Од што се состои програмата на АМОК радио каков тип на музика третира? БЈ Во суштина секој што е расположен може да ни пише, да се јави да пушта музика во АМОК радио. Доколку сметаме дека ќе претстави нешто свежо и ново ќе им дадеме простор. Пресудна е свежината и тоа што артистот ќе презентира тука. Имаме резиденти и гости на програмата. На почеток направивме една листа со резиденти која е динамична и постојано се проширува. Имаме големи колекции на музика, буквално од А до Ш од џез до амбиент, диско фанк, соул, хаус, техно, електронска, реге... не се ограничуваме бидејќи и самите ние слушаме различна музика и имаме различни музички позадини. Никола повеќе третира хип хоп, фанк. Јас и Уки сме повеќе хаус, диско, а Настасија повеќе електроника.
Што имате како идеја за иден развој на радиото? БЈ 90 % би рекол е класичен диџеј сет или некоја модификација на класичен диџеј сет. Уште од почеток сакавме во програма да уфрлиме и podcast, кој е во подем на светски ниво. Сакаме со тоа малку да разбиеме ја програмата, да не биде цело време музика, туку и претставување на различни гости од различни сфери, секој да си зборува за својата професија или хоби. Понекогаш некој од својата емисија прави podcast, да речеме еден саат музика, еден саат дискусија. Оставаме простор, некој ако сака да учествува со podcast ептен сме расположени да го реализираме, бидејќи нема кај нас многумина што го прават тоа.
Од кога постои Wax Revival Store, која е идејата и како функционира во рамки на АМОК радио? НД Wax Revival Store постои од 21 Јуни 2019, значи веќе 2 години. Со АМОК целата идеја беше да споиме радио, продавница за плочи и кафе бар во едно со тоа што се погоди само со радио да почнеме, а во просторот на радиото Wax Revival Store си доби и свој изложбен простор. Доколку некој сака да набави плоча, може само онлајн, бидејќи е онлајн продавница.
Има ли интерес за плочи кај новите генерации? НД Не можеме да се пожалиме, млади не пратат, не нé прати публика што купува плочи по други „плочари“ во градот. Одреден периоди оди нагоре, одреден малку надолу, но генерално е океј. Ние сме повеќе фокусирани на денс музика.
Која е вашата визија за градот Скопје, во која насока оди, дали е добар град за живеење од аспект на културата? НД Од аспект на културата, има потенцијал за развој, бидејќи оваа наша генерација и помлади што доаѓаат со работите ги правиме, гледаме дека има заинтересираност, за целиот овој бран. Мислам дека е во добар правец со тоа што е огромна борба со големата популација на културолошки необразовани луѓе. Треба заедно да истраеме, и другите околу нас, сите заедно сме тука.
БЈ За мене лично е love – hate односот со Скопје. На моменти сум готов, си одам, се селам, па повторно се враќам овде. Бидејќи живеев надвор некое време, ама ете уште не сум отишол дефинитивно и да не се вратам, затоа што сметам дека не сме завршиле уште со тоа што сакаме да го направиме. Предлабоко сме навлезени за само така да го пуштиме. Можеби би си отишол кога ќе го видам Скопје во некое друго светло, и кога јас лично и сите ние ќе допринесеме за тоа. Ние ако не направиме, заедно со луѓето околу нас, не можеме да очекуваме нешто премногу од широката публика која што е подлабоко навлезена во монотонијата и не сака да истражува нови работи, не сака да чуе нова музика, не сака да проба нова храна... било што. Така да, сметам дека има голем потенцијал, особено што сме малку помлади, кај нашиве генерации има доста добар фидбек, па и кај постари, ама борба е, и мора да се истрае. Се надевам дека ќе успееме во тоа што имаме зацртано. Едноставно да го дигнеме Скопје на едно повисоко ниво и да го ставиме со ова што го правиме ние на светска или европска клубинг мапа, музичка мапа, особено за денс музика, за електронска музика па и за се друго, за органска музика. Да знаат луѓето, па и туристи ако доаѓаат во Скопје, дека има радио, дека има продавници за плочи, дека има клубови, дека има добра публика, времето е супер, луѓето се топли и расположени, храната е екстра, така да има потенцијал само треба да се работи.
Разговорот го водеше Виолета Качакова