top of page
  • skopje2028

Средба со светлосниот уметник Кари Кола


Во канцеларијата на Скопје 2028 се одржа средба со финскиот светлосен уметник Кари Кола. Светски признат уметник кој има продуцирано повеќе од 2.000 инсталации на уникатни локации, вклучувајќи ги: Седиштето на УНЕСКО во Париз за отворањето на Годината на светлината во 2015, Стоунхенџ за Денот на светското наследство во 2018 година и секако отворањето на Голвеј Европската престолнина на култура во 2020 година, со најголемата досега создадена светлосна уметничка инсталација на специфична локација – „Дива убавина“.

Имајќи го искуството на соработка во рамки на уметничката програма на Голвеј (Ирска) 2020 и планираната соработка со градот кандидат Саволина (Финска) 2026, на средбата Кари Кола не запозна со процесите на уметничка соработка како дел од програмите на ЕПК и начинот на развој и имплементација на едно уметничко дело-светлосна инсталација на специфична локација. Исто, така разговаравме и за специфичностите на локалниот контекст и колку тие влијаат на развој на идеја и концепт за уметничко делото, како и за важноста на образовниот аспект преку пренос на знаење на локани уметници, технички тим и граѓани кои се вклучени во процесот на изработка на делото.

Посетата на Кари Кола во Скопје е организирана од ЈУ Универзална Сала, како дел од програмата на меѓународниот фестивал на светлосна уметност „Скопје лајт арт дистрикт“. Во рамки на посетата уметникот имаше можност да види различни историски и културни локалитети и природни знаменитости во земјата, како потенцијални локации за можна соработка во рамки на програмата на овогодинешното издание на фестивалот.

Средбата со Кари Кола ја искористивме и за кратко видео интервју кое наскоро ќе го претставиме како дел од серијалот „ЕПК Разговори“.



2 views
bottom of page