top of page
  • skopje2028

Скопје влезе во потесниот избор да стане Европска престолнина на културата во 2028 година како земја

На интернет страницата на Европската Унија, односно на Европската комисија во делот за култура и креативност е објавено дека два града влегоа во потесниот избор за да станат европска престолнина на културата во 2028 година како земји кандидатки.


ЛИНК: https://culture.ec.europa.eu/news/two-cities-short-listed-to-become-european-capital-of-culture-2028-in-a-candidate-country?fbclid=IwAR1g6UkdXiIDHtpptxH7Sp03ut7Ey8tRbEfJy72JtbaTH5r7bHrrcOM-uIQ

Носител на апликацијата е јавната установа Универзална сала, а проектот е финансиран од Град Скопје. Град Скопје за првпат во 2014 година ја најави идејата за кандидатура за титулата Европска престолнина на културата како дел од заложбите за европска интеграција на градот. Скопје е главен град на земја со повеќегодишен кандидатски статус за членство во ЕУ.

„Будва и Скопје влегоа во потесниот избор на конкурсот за титулата Европска престолнина на културата за 2028 година во земји на ЕФТА/ЕЕА, земја кандидат или потенцијален кандидат. Панел составен од 10 независни експерти го предложи потесниот избор на еднодневниот онлајн состанок“, беше наведено во соопштението.

Влегувањето во потесниот избор за титулата ЕПК 2028 може да резултира со значителни културни, економски и социјални придобивки за градовите, под услов нивната понуда да е предводена од долгорочна развојна стратегија за културата.

Градовите имаат рок до јуни 2023 година да ги комплетираат своите апликации. Панелот ќе се состане во септември 2023 година за да селектира и предложи еден град кој ќе стане трета европска престолнина на културата од земја на ЕФТА/ЕЕА по ЕПК Нови Сад (Србија) во 2022 година и ЕПК Бодо (Норвешка) во 2024 година.

Во истата година, ќе има уште две европски престолнини на културата, една во Република Чешка (Бромув и Будвајс се најдоа во потесниот избор во октомври 2022 година) и една во Република Франција (селекцијата за француските градови ќе се одржи на почетокот на март 2023 година).



Како градовите стануваат европски престолнини на културата?


Постапката за избор се спроведува во 2 круга:

· Предизборен круг, по што се составува потесен список на градови кандидати;

· Девет месеци подоцна - финален изборен круг.


За натпреварот помеѓу градовите во земја на ЕФТА/ЕЕА, земја кандидат или потенцијален кандидат кој учествува во програмата на Креативна Европа, панел составен од 10 независни експерти назначени од институциите и телата на Европската Унија ги евалуираат апликациите и предложуваат потесен список, а во вториот круг избраниот град го предложуваат до Европската комисија. Избраниот град потоа официјално е назначен од Европската комисија.

Градовите кои ќе поднесат апликација треба да подготват културна програма со силна европска димензија, а мора да имаат трајно влијание и придонес за долгорочен развој на градот. Градовите, исто така, мора да покажат дека имаат поддршка од релевантните јавни локални власти и капацитет за реализација на проектот (тим и инфраструктура).


Потекло


Идејата за ЕПК се иницира и започнува во 1985 година по предлог на тогашната грчка министерка за култура Мелина Меркури (актерка).

Европската престолнина на културата прерасна во еден од најамбициозните културни проекти во Европа и стана една од најпознатите и најценетите активности на ЕУ. Целта на ЕПК е да се промовира различноста на културите во Европа, да се истакнат заедничките карактеристики и да се поттикне придонесот на културата во долгорочниот развој на градовите.

4 views
bottom of page