top of page
  • skopje2028

Скопјани и љубовта кон гулабарството

Updated: May 22, 2021

Скопје 2028 ви претставува фото есеј за скопското гулабараство низ приказната на Илија Станковски


Илија Станковски се занимава со гулабарство од свои 9 години, а почнал со чување на само неколку гулаби. Во постземјотресно Скопје, во далечната 1965 година, тој ги пренел своите гулаби во бараките во Лисиче, каде имало дури 17 гулабари, од кои сега се останати само тројца. За разлика од сега, кога желбата на младите за гулабарството е сѐ помала, порано ова хоби се наследувало по фамилијарна линија и важело за посебна семејна традиција.


Откако е во пензија, лете Илија е надвор со гулабите по 5 часа дневно. Прво ги храни возрасните гулаби, за тие потоа да ги нахранат малите т.н. јаврии. Потоа, откако ќе ги прегледа сите, ги лета по два часа претпладне и два попладне. Едвај чека, вели, да го поминува денот со нив: „Со душа чекам да се раздени и најтешко ми е кога ќе се стемни и кога треба да се качам горе без нив“. Гулабите, пак, некогаш може да се изгубат или да ги фати некој јастреб. Знаат да заминат кај други гулабари и да се вратат назад. Но, гулабите - поштари, на пример, летаат до Белград и повторно се враќаат назад во Скопје.


Илија вели дека гулабарството е останато од турско време. Скопските гулаби што се чуваат најчесто се викаат „дунеци“ (или турски гулаби – вртачи) и некои од гулабарите се разменуваат со нив или ги продаваат. Зависно од видот, еден гулаб може да достигне цена и до 3 илјади евра, но Станковски не се занимава со тоа. Тој бил дел од некогашното друштво Дунек, кое некогаш броело 70 членови и имало неделни средби. Бил судија по гулабарство, за натпревари за гулаби – вртачи и освен што судел во Скопје, патувал и во други градови во земјата. На тие натпревари гулабите добивале оценки за најдобро вртење во лет.

__

Средбата ја фотографираше нашата Скопје 2028 фотографка Соња Ставрова.



50 views
bottom of page