- skopje2028
ДИГИТАЛНА БИБЛИОТЕКА БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ – СКОПЈЕ
Дигитализацијата на книжниот фонд на библиотеките е дел од современата пракса која овозможува тој да биде зачуван, архивиран, презентиран и лесно достапен во форма на онлајн дигитална библиотека до корисниците. Оваа современа пракса веќе 14 години се спроведува од ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ Скопје, а за неа разговараме со тимот на Дигиталната Библиотека: Гордана Андреева, Ивона Џамтовска Јанкуловска и Андријана Апостоловска.

Од кога започнавте со активности на Дигиталната библиотека и како се развива овој проект?
ГА: Процесот на дигитализација на дел од книжниот фонд започна во 2007 година како инцијатива на библиотеката со цел да се дигитализираат стари и ретки книги за да бидат подостапни до корисниците. Иницијативата се развива со сопствени средства на библиотеката, а од 2015 година добива редовна годишна поддршка и од градот Скопје. Оваа поддршка ни овозможи набавка на посовремена опрема за скенирање, фотографирање, архивирање и систематизација на дигиталниот фонд, а со тоа и постепен развој на дигиталната библиотека. Од минатата година библиотеката го користи софтверот OMEKA за дигитална обработка, подготовка и презентација на книжниот фонд на дигиталната платформа, како и за соработка и поврзување со други дигитални библиотеки.
На кој начин ги креирате дигиталните содржини и во кои формати се достапни за корисниците? Каков тип на опрема и софтверски алатки се потребни за креирање и презентација на дигиталните содржини?
ГА: Креирањето на дигиталните содржини зависи пред сè од исполнувањето на стандардите на ИФЛА (IFLA - The International Federation of Library Associations and Institutions) во однос на резолуција, формат и начин на нивно чување. Поради различниот пристап во дигитализација и користењето на различни ИТ алатки на почетоците и сега, дигиталниот фонд на библиотеката делумно е во PDF. формат со можност за пребарување, делумно во JPG. формат со можност за листање.
Ние почнавме со ОЦР (OCR Optical character recognition) дигитализација, што подразбира скенирање, оптичко читање што е фактички разложување и пребарливост по клучен збор и поставување на дигиталната пребарлива литература во PDF. формат на платформата. ОЦР е практично префрлање на текстот во WODR. на македонски јазик. Но бидејќи во тоа време нашиот јазик сеуште не беше лиценциран од Мајкрософт, дел од буките софтверот не ги препознаваше и тие моравме рачно да ги поправаме. Овој систем повеќе не е компатибилен со современите начини на користење на дигитална литература, вклучувајќи пребарување на мобилен, листање итн. Во моментов користиме други ИТ алатки за дигитализација кои овозможуваат дигитален запис во форма на слика (JPG. формат), кој не може да се пребарува, но може да се листа како книга а кон него се додава метаподаток, како на пр. име на автор, издавач, тип на литература, година итн. Така старите изданија во PDF. можат да се пребаруваат по клучен збор, новите во JPG. се придружени само со мегаподатоци и тагови. Сегашниот тип на дигитализација не натера повторно да скенираме дел од дигиталниот фонд на стари книги, кој се прошири и на весници и фотографии.
Сегашната технологија бара напредни софтвери кои ќе овозможат и ОЦР дигитализација. Тие во моментов не можеме да ги набавиме поради високата цена на чинење. Беа во план, но поради кризата со КОВИД-19 пандемијата, градот не беше во можност во овој период да не поддржи, но останува како план за иднина.
Дали сте посетувале обуки за начинот на креирање и презентација на дигиталниот фонд?
ГА: Имаме следено обуки во регионот (Србија, Хрватска, Словенија) водени стручњаци во полето на библиотекарството, музеологијата и архивистиката, поврзани со начинот на систематизација на дигиталните материјали.
Што се може да се најде како дел од содржината на дигиталната библиотека, и како таа се систематизира и презентира? Каков е третманот на авторските права при дигитална презентација?
ИЏЈ: Првично сакаме да претставиме нешто што е ретко, недостапно за секој да го види, за да му се задржи вниманието. Сепак треба да направиме добра селекција. Имаме проблем начелно со авторските права. Има книги кои подлежат на авторски права за кои треба да имаме одобрение преку склучен договор ако сакаме да ги објавиме.
ГА: Ние пред се ги дигитализираме содржините од депоата и во сопственост на самата библиотека. Во создавање на содржината соработуваме со одделот за периодика и родно-крајниот оддел (изданија од автори и писатели кои се родени во Скопје и оние кои не се родени во Скопје, а твореле за градот). Јас го скенирам весникот „Вардар”, кој датира од пред втората светска војна. Весникот излегувал еднаш неделно, се издавал во Скопје на српски јазик од тогашна Вардарска Бановина. Андријана го скенира „Остен”, за што моравме да добиеме согласност од сопственикот што ја поседува лиценцата за весникот, бидејќи весникот почнува да излегува крај на 60-те и почеток на 70-те. Останатите содржини се материјали кои се интересни и ретко достапни, кои се добиени од приватни архиви, други библиотеки, музеи и сродни институции.
ИЏЈ: Моментално на веб-платформата на дигиталната библиотека е достапен само дел од дигиталниот фонд. Тој е многу поголем, но не е целосно презентиран поради новиот софтвер за презентација кој бара поинаква подготовка на дигиталните материјали за да можат да бидат објавени на платформата. Така на пр. Постојат цели едиции на дигитални книги кои во моментов не се достапни. Порано дел од архивата редовно се снимаше на ЦД и во тој формат беше достапна до корисниците кои можеа да ги изнајмат ЦД-еата, кои денес не се користат.
АА: На пример, имаме ЦД од е-книга под наслов „Македонско богатство“ во кое како дигитален фонд во 2006 се снимени дела на Цепенков, Пејчиновиќ, Прличев, Џинот, аудио книги наменети за слепи и слабовидни лица; во 2012 снимена е едиција на македонски автори добитници на наградата „Браќа Миладиновски” на „Струшките вечери на поезијата”, од 2013 и 2014 година едиција на добитници на „Рациновото признание”.
Кога се дигитализира книжен фонд на изданија на награден книги, како во случајов со наградат „Браќа Миладиновци” на СВП и „Рациново признание” правата се добиваат од институцијата организаторот на наградата, како групни права добиени преку групна согласност.
Кои содржини од Славко Јаневски се дел од книжниот фонд на библиотеката?
ИЏЈ: Дигиталната библиотека ги има оригиналните ракописи од сценаријата за „Јазол“ од Славко Јаневски, чии права ни се дадени од неговата ќерка Јана Јаневска. Тетратките од оригиналните ракописи ги земавме од МАНУ, каде што се чуваат, и по дигитализацијата ги вративме. Исто така, отстапени ни се и неговите лични фотографии, кои можат да се видат на дигиталната библиотека. Останува како инцијатива да се направи и изложба на експонати и предмети во самиот простор на библиотеката, кои ги користел или му припаѓале на Јаневски, како на пример, неговата машина за пишување, и други лични предмети.
Дали имате аудио содржини за лица со попреченост во видот?
АА: Библиотеката располага со дигитален аудио запис на книги за слепи и слабо-видни лица снимени со домашни актери. Засега овие аудио архиви не се компатибилни со можностите кои ги нуди софтверот за презентација на дигиталната библиотека и не се претставени како дел од дигиталната библиотека.
Може да ни посочите некои интересни содржини за Скопје на дигиталната библиотека?
АА: Од содржините за Скопје може да бидат интересни првите изданија на некое дело како и содржини кои прикажуваат дел од животот и култура на живеење во градот во дигиталниот фонд на разгледници, фотографии и мапи, неговата периодика и историја.
ГА: Нашата страна повеќе ја посетуваат истражувачи, бидејќи нашата првична функција како градска библиотека е зачувување. Ние не сме комерцијална организација за да ставиме во фокус нешто што е популарно, наша основна задача е прво заштита па потоа презентација, и овде пред се е најзначајна периодиката. Корисниците на пример бараат изданија на „Нова Македонија”. Поради авторските права, кои не и се опстапени на библиотеката од страна на сопственикот на лиценцната за весникот „Нова Македонија”, согласно законот, ние може да дигитализираме и презентираме само одреден процент од содржината. Оттаму, на дигиталната платформа може да се види само фототипно издание на првиот број од 29-ти октомври 1944 година, со вкупно осум страни. Интересно е дека корисниците можат слободно да ги читаат сите броеви во просториите на библиотеката, но истите не смеат да се дигитализираат и објават онлајн.
Исто така, може да презентираме само неколку страни од првото издание на весникот „Вечер” од 1956 и толку. Можеме да објавуваме конкретни статии, на пример доделување на „13 Ноемвриската награда” од 1975 година, но не и целиот број на тоа издание.
Кои содржини се подготовка и ќе се објават на дигиталната библиотека?
ИЏЈ: Како нови содржини на дигиталната библиотека се подготвуваат: првото издание на Македонски народни прикази од 1945, 10 броеви на весникот „Вардар”, стари и ретки книги. Се прават напори за обезбедување на некои ретки и автентични материјали од од сите роднокрајни автори.
Одделот за дигитализација би сакал да објави и некои печатени архиви од скопскиот ноќен живот од пред 50 години, како на пример, првите пропусници за влез во диско, кои можат да бидат интересна содржина за идни објави.
Во име на тимот на СКОПЈЕ 2028 разговорот го водеше Виолета Качакова во април 2020 година. Фото документацијата ја изработи Соња Ставрова.