- skopje2028
ГРАД СКОПЈЕ СО КРИЗНИ МЕРКИ ЗА КУЛТУРАТА
Updated: Apr 27, 2021
Денес Град Скопје ги претстави мерките со коишто им излегува во пресрет на барањата на независната културна сцена да им се овозможи социјална сигурност и можност за културно творештво на уметниците без постојана егзистенција, а кои со вонредната состојба ги изгубија сите свои ангажмани. Со „Култура во време на Корона“ се предвидува пренамена на буџетските средства, одложување на неприоритетните капитални инвестиции во културата, загарантиран минимален хонорар за сите ангажирани уметници за време на кризата, како и адаптирање на културните програми на сите градски институции на новите услови на работа. Градоначалникот Петре Шилегов во оваа прилика изјави: „Скопје како кандидат за Европски град на културата за 2028 година мора да покаже дека се грижи за домашната сцена и особено за локалните невработени уметници во овој критичен период за нивниот опстанок. Затоа, го задржуваме истиот буџет за култура, но средствата ги насочуваме кон луѓето и програмите, наместо кон капиталните инвестиции. Луна паркот како неприоритетна инвестиција ќе биде одложен за некоја година, но затоа Универзална Сала и веќе започнатите реконструкции во градските институции ќе се реализираат. Предвидуваме и кратење на буџетите за оние меѓународни настани кои што нема да може да се одржат заради затворените граници и нивно пренасочување во проекти на домашни уметници и здруженија. Ги уверуваме уметниците и културните работници дека нема да бидат заборавени, а нашите сограѓани, иако под изменети околности, и оваа година нема да имаат недостиг од културни содржини.“